Уметност и револуција
Уметничкиот активизам во долгиот 20 век
ISBN 978-608-66916-4-6
305 страници
Уредничка на едицијата и на изданието: Искра Гешоска
„Уметност и револуција“, претставува своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот дваесетти век“ и го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и Publixtheatre Caravan како проект на Volxtheater Favoriten, меѓународна театарска трупа базирана во Виена која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, „Уметност и револуција“ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од своите приказни за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа. Со елоквентна примена на идеите и постулатите на Делез и Гатари за „машината“, Рауниг ја проширува постструктуралистичката теорија на револуцијата до експлозивната врска на уметноста и активизмот.
„Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти на диктирани од пазарот и авторитетите, а наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини.
„Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг е многу повеќе од научен труд – оваа книга е афирмација на новите конститутивни практики, напишана во бурната средина на социјалните движења дваесеттиот век. Антиглобализациското движење е исто толку појдовна точка за книгата како и дискурсите околу конститутивната моќ и мултитудата (според Антонио Негри) и околу политичката критика на репрезентацијата на Феликс Гатари, Жил Делез и Мишел Фуко за запатистите/ките. Што се однесува до централното прашање за уметноста и револуцијата околу формите на преплетување помеѓу уметничките и револуционерните машини, како егземпларна подлога во „Уметност и револуција“ се користат антирасистичките, квир-феминистичките и номадските практики на Фолкс-театар-карванот.
Во предговорот од изданието од 2017 година, Гералд Рауниг запишува: „Уметничката историографија, критиката на уметноста и естетиката со задоволство молчат за политичката уметност и за политичкото во специфичните уметнички практики, а ова уште поизразено го прават во поглед на преплетувањето на уметноста и револуцијата. Толку многу големи имиња во историјата на уметност биле инволвирани и во револуциите, а опасните вкрстувања на уметничкиот и политичкиот активизам постојано се минимизираат, се претставуваат како безопасни или ненамерни. Тука преплетувањето не смее да се случи, уметноста како и револуцијата го губат својот машински квалитет преку историзацијата и разложувањето на науките за уметноста.“
Книгата „Уметност и револуција“ е издадена со поддршка на Гете Институтот – Скопје.